
5 август 2026, Скопје – Приходите во Буџетот од почетокот на годината се прибираат согласно планот и со раст во споредба со претходната година. Истовремено и на расходната страна се исплаќаат обврските согласно планираното. Податоците за реализација на Буџетот за 2026 година на заклучно со 31 јули 2026 година покажуваат дека вкупните приходи се реализирани во износ од 204,553 милијарди денари што е 53,9% од планираното и бележат раст од 9,3% во споредба со истиот период претходната година. Приходите од даноци, како изворни приходи, се реализирани во износ од 117,963 милијарди денари или 55,33% од планот и со раст во споредба со истиот период претходната година од 10%.
Кај даночните приходи најголема реализација согласно планот од 62,8% е евидентирана кај Данокот на добивка од којшто во Буџетот се слеани 16,687 милијарди денари што е раст од 20,6% во споредба со седумте месеци од 2025 година. Реализација од 56,78% од планираното има кај ДДВ со остварени 53,026 милијарди денари или раст од 13,4% во споредба со периодот 01.01.-31.07.2025 година. Од Данок на личен доход се остварени 20,925 милијарди денари или 53,93% од планот и раст во споредба со истиот период лани од 11,9%. Увозните давачки се реализирани во износ од 9,361 милијарди денари што претставува 56,4% од планот и бележат раст од 10,3%. Истовремено е извршен и поврат на ДДВ кон компаниите во износ од 23,333 милијарди денари што е за 3,5% повеќе од извршениот поврат во периодот јануари-јули 2025 година. Имено податоците за реализацијата на овие изворни приходи упатуваат на одржување на тренд на стабилност и раст во економијата, на што упатуваат и за последните податоци објавени за индустриското производство во јуни кога е забележан раст од 6,5% во споредба со истиот месец минатата година.
На расходната страна значајна реализација има кај капиталните расходи во износ од 21,288 милијарда денари што е раст од 39,6% во споредба со реализацијата на капиталните расходи во првите седум месеци од 2025 година. Исто така, за поддршка на проекти во домашните компании се трансферирани и 717 милиони денари кон Развојната банка.
Исто така, извршена е исплата на 49,351 милијарда денари обврски по основ на стари долгови на странскиот пазар, како и 11,665 милијарди денари отплати кон домашни кредитори. Во овој период се исплатени и обврзници по основ на денационализација во износ од 308 милиони денари.

















