
Американскиот технолошки гигант „Мета“ најави воведување ново задолжување за огласувачите, кое ќе варира од 2 до 5 отсто, со цел компанијата да ги покрие даноците за дигитални услуги што ги воведоа неколку европски држави.
Станува збор за дополнителен надомест што ќе се пресметува на сликовни и видеореклами прикажани на платформите на „Мета“, како и на маркетиншки пораки поврзани со реклами. Новата мерка ќе се однесува и на кампањите на „Вацап“ кои користат опцијата „кликни за испраќање порака“.
Според најавата на компанијата, промените стапуваат на сила од 1 јули и ќе опфаќаат и други државни давачки покрај дигиталниот данок. Во практична смисла, дигиталниот данок се пресметува како процент од приходот што големите технолошки компании го остваруваат во секоја поединечна земја.
„Мета“ се придружува на „Алфабет инк.“ и „Амазон“, кои веќе воведоа слични надоместоци за да се справат со новите даночни обврски. Компанијата истакна дека за моментот надоместите ќе се применуваат во шест држави: 2 отсто во Обединетото Кралство, 3 отсто во Франција, Италија и Шпанија, и највисоки 5 отсто во Турција.























