
Македонските вина ќе добијат нова идентичност: првата географска ознака која ќе се најде на етикетите ќе биде „Вардарска долина“. Ова е голем чекор кон официјално признавање на уникатните вински региони на земјата, која е поделена на три главни вински региони и 16 вински области. Најголемиот од нив, Повардарие, дом на 87% од винските насади и 90% од винариите, ќе биде во центарот на вниманието.
Процесот го води новоформираната организација „Повардарски ВРВ“, која наскоро треба да стане овластено тело за географска индикација. Таа ќе обезбеди институционална рамка за управување со системот и ќе гарантира дека секое вино со ознака одредено потекло го носи вистинското ниво на квалитет и репутација.
„Системот за географска ознака не е само техничка процедура, туку визија“, објаснува Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на „Вина на Македонија“. „Идејата постоеше одамна, но вистински напредок направивме во последните години, благодарение на заедничката работа на винариите и поддршката од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Со стандардите на Европската Унија, можеме да се сметаме за вистинска винска земја. Ова не е само гаранција за квалитет, туку и начин да се изгради имиџот на Македонија како винска дестинација“.
Во изминатите две и пол години, интензивно се работи на воспоставување на Системот за географска ознака. Април 2024 година донесе значајни измени во Законот за вино, а винариите и лозарите веќе учествуваа во обуки за примена на новите стандарди.























