УТРО.мк

Цвета Ристовска се повлече од својата функција во ДКСК

Цвета Ристовска се повлече од својата функција во ДКСК
Vero

Антикорупционерката Цвета Ристовска денеска ја напушти функцијата членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), поднесувајќи неотповиклива оставка до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Како причина, Ристовска ги наведува јавните полемики и сомнежи околу нејзината работа во комисијата, истакнувајќи дека секогаш ги почитувала законските обврски и се водела од принципот на професионален интегритет.

„Жалам ако одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, довеле до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации каде постоеше потенцијален судир на интереси, побарав изземање согласно законот. Никогаш не сум имала намера да прикривам информации“, пишува Ристовска во своето соопштение.

Таа нагласува дека во текот на целата нејзина кариера, вклучително и во работењето во ДКСК, настојувала да делува совесно, законито и со најдобра намера. Во текстот на оставката, Ристовска им посакува на колегите од комисијата успешен и професионален придонес во заштита на јавниот интерес.

Оставката доаѓа во контекст на неодамнешните проверки на нејзината работа. На почетокот на месецов, ДКСК отвори два предмети поврзани со Ристовска: едниот се однесува на финансиски трансакции поврзани со фирма на еден од нејзините синови која добивала средства за кампањите на претседателските кандидати во 2024 година, а другиот се однесува на непријавување имот на двајцата синови во анкетниот лист на Ристовска. Според јавни документи, маркетинг-фирмата на едниот син добила 35.000 евра од кампањите на Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова, како и средства од локалните избори во 2021 година, додека Ристовска била помошник државен ревизор.

Ристовска се најде и во фокусот на јавноста како известител во предметот за сомнителниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. По нејзиното реферирање, ДКСК се прогласи за ненадлежна за постапување по случајот. Дополнително, спорна беше и дипломата на Христовски од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, каде што Ристовска претходно предавала, но и за ова ДКСК се прогласи за ненадлежна да спроведе експертиза.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран