МЕПСО и косовскиот оператор КОСТТ денеска потпишаа меморандум за соработка со кој официјално започнуваат подготовките за изградба на нов 400 kV интерконективен далекувод меѓу Тетово и Призрен. Договорот, како што истакна директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, претставува важен чекор кон продлабочување на регионалната енергетска соработка и стабилност.
„Ова е повеќе од инфраструктурен проект – ова е конкретен придонес кон енергетската транзиција и заедничката иднина на Западен Балкан“, изјави Љатифи по потпишувањето на меморандумот заедно со својот колега од КОСТТ, Шабан Незири.
Новиот далекувод ќе овозможи значително зголемување на прекуграничната размена на електрична енергија меѓу Северна Македонија и Косово, но и ќе ја зајакне отпорноста и флексибилноста на електропреносните системи во целиот регион.
Проектот се смета за еден од клучните елементи во напорите за интеграција на пазарите со електрична енергија на Западен Балкан и нивно усогласување со европските енергетски стандарди.