Македонија е земјата со најевтина храна во Европа, покажуваат најновите податоци на Евростат. Цените на прехранбените производи во земјава се дури 26,6% пониски од просекот на Европската унија, односно изнесуваат само 73,4% од ЕУ просекот.
Иако Македонија не е најголемата земјоделска економија во регионот, со 8,8% удел на земјоделството во вкупниот БДП, сепак успева да понуди најдостапни цени на основните животни намирници. Пред неа во регионот по учество на земјоделството се само Албанија (17,9%) и Косово, додека зад неа се Црна Гора (6,5%), Турција (6,3%) и Босна и Херцеговина (5%). Србија има најнизок удел со само 3,7%.
Интересен е случајот со Албанија – и покрај тоа што има најголемо учество на земјоделството во Европа, цените на храната таму првпат ја надминаа европската просечна вредност, достигнувајќи 101% од ЕУ просекот. Особено се поскапени јајцата, сирењето и млекото, чии цени се дури 131% од европскиот просек.
Спротивно на тоа, Македонија го одржува ниското ценовно ниво, што најверојатно се должи на фактори како што се домашното производство, ценовниот надзор и одредени форми на пазарна интервенција.
Во споредба со земјите од регионот, цените на храната во Србија се на 96,4% од ЕУ просекот, во Црна Гора 84,4%, а во Босна и Херцеговина 83,2%. Тоа ја прави Македонија најповолна за секојдневна исхрана не само во регионот, туку и на ниво на целиот континент.
Албанија, и покрај „најземјоделскиот“ профил, се соочува со сериозни проблеми: фрагментирано земјиште, недоволни субвенции, емиграција, како и слободен пад на сточарскиот сектор, што резултира со повисоки цени за потрошувачите.
Македонскиот модел, барем засега, успева да понуди пристапна храна за своите граѓани – факт што има се поголемо значење во време на европска инфлација и ценовна нестабилност.