
Во Торонто беше означен почетокот на нова ера за македонскиот бизнис во Канада. Првиот состанок на Основачкиот одбор на Канадско-македонската стопанска комора ја потврди амбицијата на оваа иницијатива да стане централна платформа за економско поврзување на дијаспората.
Организаторите Милосов Лукароски, Теа Пешева, Диана Индовски, Иван Лукароски и Кирил Колемишевски ги поставија темелите за идниот развој на Комората, со јасна визија, поддршка на македонските претприемачи и професионалци, создавање координирана бизнис заедница и отворање нови можности за трговија и инвестиции помеѓу Канада и Македонија.
„Целта е да изградиме мрежа која не само што ќе биде симбол на заедништво, туку ќе носи конкретни резултати преку партнерства, инвестиции и размена на знаења,“ изјавија од Основачкиот одбор. Комората се дефинира како платформа за поттикнување на претприемништвото и професионалниот развој, која ќе гради мостови меѓу македонските бизниси на двете страни на Атлантикот.
Со основањето, Комората се поставува како двигател за долгорочен економски раст, јакнење на македонскиот бизнис идентитет во Канада и продлабочување на економските врски со Македонија. Првиот состанок го означи почетокот на ново поглавје за дијаспората, со потенцијал да создаде видливи и трајни резултати за македонската заедница.























