
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја започна својата прва официјална посета на Австралија, на моменти кога глобалните енергетски потреси и конфликтите на Блискиот Исток ја зголемуваат ранливоста на увозно зависните економии.
Денеска таа пристигна во Сиднеј, каде што ја пречека генералниот гувернер на Австралија. По краткиот престој во најголемиот град на континентот, Фон дер Лајен ќе отпатува кон Канбера за средби со премиерот Ентони Албанезе и обраќање пред австралискиот парламент.
Претседателката на ЕК е придружувана од комесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, што ги поттикнува шпекулациите за можното финализирање на долгоочекуваниот договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Австралија. Главните пречки остануваат пристапот на австралиското јагнешко и говедско месо на европскиот пазар, како и прашањето за географските ознаки кај сирењето и вината.
Австралиските власти претходно предложија укинување на данокот за луксузни европски автомобили во замена за поголем пристап до земјоделските производи на ЕУ. Министерот за трговија, Дон Фарел, оценува дека договорот би можел да донесе дополнителни 10 милијарди австралиски долари во трговијата во првата година, и потенцира дека ЕУ би можела да стане втор по големина трговски партнер на Австралија ако се надминат последните пречки.
Австралија, традиционално зависна од Кина за извоз и од САД за инвестиции, уште од спорот со Пекинг во 2020 година активно се обидува да го диверзифицира трговскиот портфолио. ЕУ сега зазема трет по големина трговски партнер и втор најзначаен извор на странски инвестиции.























