
Ола Келаниус, извршниот директор на „Мерцедес-Бенц“, упати остро предупредување до германската политичка и економска елита: земјата веќе една деценија и пол се движи по погрешен економски пат, што сега го загрозува нејзиното индустриско срце и привлечноста за инвестиции.
„Доколку не се создадат предвидливи и конкурентни услови за работа, компаниите нема да останат поради лојалност – капиталот оди таму каде што има најдобри можности“, рече Келаниус во низа јавни настапи.
Тој ја критикува германската економска политика поради високите трошоци за енергија и работна сила, сè пообемната бирократија и слабеењето на стимулите за претприемништво. „Индустријата не бара посебни привилегии, туку стабилност и предвидливост“, истакнува Келаниус, потсетувајќи дека модерниот капитал нема национална припадност и следи само профитабилни пазари.
Автомобилската индустрија, носител на германската економија, веќе чувствува последици. Компаниите се соочуваат со енергетска криза, трансформација кон електрични возила и растечка конкуренција од Кина и САД. Сегашната политика, според Келаниус, повеќе ја оптоварува економијата со нови правила и трошоци, отколку што ја охрабрува иновацијата и инвестициите.























