УТРО.мк

ИКТ индустријата во Македонија руши рекорди: Приходи од 1,77 милијарди евра и извоз од 676 милиони евра

ИКТ индустријата во Македонија руши рекорди: Приходи од 1,77 милијарди евра и извоз од 676 милиони евра
Vero

Македонската информатичко-комуникациска индустрија продолжува да бележи силен раст и да ја зацврстува својата позиција како еден од најважните економски сектори во земјата. Според најновите податоци презентирани на првиот македонско-грчки „Digital Bridge & Business ICT Forum“, ИКТ секторот во 2025 година остварил приходи од 1,77 милијарди евра и извоз вреден 676 милиони евра.

Податоците беа претставени од Дамјан Манчевски, член на Управниот одбор на МАСИТ, кој ја презентираше анализата за развојот на индустријата, нејзиното учество во економијата и идните перспективи.

Во споредба со 2024 година, приходите на секторот се зголемени за 7,02 проценти, додека извозот е повисок за 7,13 проценти. Во рамки на индустријата функционираат 3.367 активни компании, кои обезбедуваат работа за 24.134 вработени.

Анализата покажува дека во последните пет години ИКТ секторот бележи импресивен напредок. Од 2020 до 2025 година приходите се зголемиле од 985 милиони евра на 1,77 милијарди евра, што претставува раст од 80 проценти. Во истиот период извозот речиси се утроил, растејќи од 231 милион евра на 676 милиони евра или за 193 проценти.

Паралелно со финансискиот раст, се зголемувал и бројот на вработени и компании. Бројот на работни места во секторот е повисок за 44 проценти, додека бројот на компании е зголемен за 42 проценти.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитриевски, оцени дека резултатите го потврдуваат значењето на индустријата за македонската економија.

„ИКТ секторот е еден од главните носители на економскиот развој, извозот и создавањето висококвалификувани работни места. Постигнатите резултати се доказ за инвестициите во знаење, иновации и конкурентност на домашните компании на меѓународните пазари“, истакна Димитриевски.

Според анализата, ИКТ индустријата учествува со околу 4,5 проценти во бруто-домашниот производ на државата и расте речиси двојно побрзо од вкупната економија. Додека економскиот раст во земјата изнесува 3,8 проценти, секторот бележи раст од 7,4 проценти.

Податоците беа презентирани пред претставници на компании, институции и организации од Македонија и Грција, при што во рамки на форумот беа одржани повеќе од 190 деловни средби и беа претставени над 20 компании од двете земји.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран