
Штедењето на македонските домаќинства останува цврста и стабилна основа за домашниот финансиски систем, дури и во услови на економска неизвесност и низа шокови во последните години. Ова го истакна Милица Арнаудова-Стојановска, советничка на гувернерот на Народната банка, во интервју за емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ „Телма“.
Како што објасни Арнаудова-Стојановска, последните податоци покажуваат значителен раст на денарските и долгорочните депозити, што е резултат на стабилизирани очекувања кај граѓаните, повисоки приноси од штедењето, особено на долг рок и во домашна валута, како и мерките на Народната банка насочени кон поддршка на денаризацијата и долгорочното штедење.
„До крајот на декември 2025 година, вкупните депозити на домаќинствата достигнаа 445 милијарди денари, што претставува годишен раст од 12%. Ако го погледнеме периодот по пандемијата, штедните средства на граѓаните се зголемени за повеќе од 50%, што јасно ја покажува довербата во банкарскиот систем и неговата отпорност“, рече Арнаудова-Стојановска.
Таа потенцираше дека денарските и долгорочните депозити бележат континуиран двоцифрен раст. Во декември 2025 година, учеството на денарските депозити изнесува 55%, додека долгорочните достигнуваат 33,5% од вкупните депозити на домаќинствата, во споредба со 47,8% и 25,1% во декември 2022 година. Според Арнаудова-Стојановска, ова јасно укажува дека банкарските депозити остануваат најсигурниот и најзначајниот облик на штедење за македонските граѓани, со директно влијание врз стабилноста на финансискиот систем и економската активност.
Податоците за 2024 година дополнително покажуваат дека депозитите кај банките сочинуваат околу 60% од финансискиот имот на домаќинствата, додека приватните пензиски фондови следат со околу 25%. Овие трендови се усогласени со оние забележани во регионот и во Европската Унија, потврдувајќи дека македонските граѓани продолжуваат да ја ценат безбедноста на банкарското штедење.























