
Четири нови странски компании донеле одлука да инвестираат во Македонија, од кои три ќе реализираат инвестиции во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје, а една во ТИРЗ Тетово, изјави директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски.
Во разговор за Канал 5, Димовски посочи дека со овие инвестиции се очекува отворање на околу 1.500 нови работни места. Тој нагласи дека само во првата фаза компаниите планираат да инвестираат над 150 милиони евра.
Димовски истакна дека одлуките за инвестирање се резултат на зголемениот интерес на странските инвеститори за зоните, како и на подобрената бизнис-клима и условите што ги нуди државата за реализација на големи индустриски проекти.























