Фразата „европско враќање кон нуклеарната енергија“ сè почесто ја опишува актуелната промена во енергетската политика на Европската унија, каде нуклеарната енергија повторно се гледа како клучен инструмент за постигнување енергетска независност, намалување на емисиите на CO₂ и стабилизација на електричната мрежа во време на растечка побарувачка, пред сè поради центрите за вештачка интелигенција и електричните возила.
Овој тренд дополнително се забрза по енергетската криза предизвикана од војната во Украина и напуштањето на рускиот гас и нафта. Иако земји како Германија и Австрија остануваат скептични, поголемиот дел од членките на ЕУ денес ја поддржуваат нуклеарната енергија како составен дел од „зелената“ транзиција.
Зошто доаѓа до ова „враќање“?
Главната причина е енергетската безбедност.
По руската инвазија врз Украина, Европа сфати колку е ранлива поради зависноста од увоз на фосилни горива. Нуклеарната енергија нуди стабилно производство што може да го замени гасот и јагленот, а уранот може да се набавува од повеќе извори, меѓу кои предничат Канада и Казахстан.
Европскиот зелен договор предвидува климатска неутралност до 2050 година и намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 проценти до 2030 година.
Нуклеарната енергија не произведува CO₂ при работа, а Европската унија во 2022 година ја вклучи во „зелената таксономија“ – класификација на одржливи инвестиции – што ја отвора вратата за поголеми фондови и вложувања.
Побарувачката за електрична енергија во Европа, според проценките, ќе порасне за 50–80 проценти во наредните години. Обновливите извори како ветерот и сонцето сè уште не можат да обезбедат толку големи количини енергија, па токму нуклеарната енергија се гледа како „батерија“ за стабилност на мрежата.
Европскиот комесар за меѓународна соработка и развој, Јозеф Сикела – поранешен чешки министер за индустрија – истакнува дека Европа повеќе не може да живее во „идеализиран балон на вредности“.
„Нуклеарната енергија, заедно со обновливите извори, може да игра клучна улога во решавањето на предизвиците што се пред нас – од стабилноста на мрежата, преку декарбонизацијата, до сигурноста на енергетското снабдување“, вели Сикела.























