Две американски компании од автомобилската индустрија најавија повлекување од Македонија, пренесува порталот Бизнисвести.мк. Причината, според извори од индустријата, е намалувањето на нарачките и промените во глобалните синџири на снабдување.
Компанијата „Аптив“, која произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија, ќе ја затвори својата фабрика во Скопје најдоцна до крајот на 2026 година. Веќе е започнат процес на постепено намалување на производството и пренасочување на дел од капацитетите во други земји.
И „Дура Аутомотив Системс“, исто така американска компанија, ќе го прекине своето производство во земјава. Од таму објаснуваат дека падот на нарачките од главниот клиент предизвикал сериозен финансиски притисок, поради што одржувањето на тековното производство станало неодржливо.
Двете компании имаа погони во Технолошко-индустриската развојна зона Бунарџик и заедно вработуваа околу илјада работници, чија иднина сега е неизвесна.























