УТРО.мк

Димитриеска-Кочоска: Новиот правилник носи построга контрола и поголема заштита во игрите на среќа

Димитриеска-Кочоска: Новиот правилник носи построга контрола и поголема заштита во игрите на среќа
Vero

Министерството за финансии продолжува со имплементацијата на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој беше донесен на крајот на јуни, со цел воспоставување современа регулатива, посилна контрола и поголема заштита на граѓаните.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека по усвојувањето на Законот продолжува процесот на негово спроведување преку донесување на потребните подзаконски акти.

Како еден од првите чекори е донесен Правилникот за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, со кој детално се пропишува документацијата потребна за потврдување на репутацијата на правните и физичките лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.

„Ова е важен чекор. Правилникот ги претвора законските принципи во конкретни правила, процедури и критериуми што ќе можат да се применуваат во пракса“, посочува Димитриеска-Кочоска.

Со Правилникот се предвидува проверка на околности поврзани со подносителите на барањата, меѓу кои и изречени санкции за забрана за вршење професија, казни за забрана за приредување игри на среќа, како и други околности релевантни за нивното учество во оваа индустрија.

Дополнително, се воспоставува строга контрола врз потеклото на средствата во основната главнина, како и следење на движењето на паричните средства.

Од Министерството за финансии посочуваат дека новиот Закон беше неопходен поради значителните промени во областа на игрите на среќа во изминатите години и потребата од современа регулатива која ќе одговори на новите предизвици.

„За нас, донесувањето на Законот и на подзаконските акти не е крајот на процесот. Вистинскиот резултат доаѓа со неговата доследна имплементација“, вели министерката.

Министерството за финансии продолжува и со подготовка и донесување на останатите правилници потребни за целосна имплементација на Законот.

Целта, како што нагласува Димитриеска-Кочоска, е преку прецизна регулатива да се воспостават јасни и фер правила за работа во индустријата на игрите на среќа, со поефикасен надзор и поголема заштита на граѓаните.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin