Денеска беа потпишани договори за државна гаранција и заеми во вкупна вредност од 97 милиони евра, со кои ќе се реализираат стратешки енергетски проекти што значително ќе ја променат енергетската слика на државата.

Министерството за финансии, преку издавање државна гаранција, овозможи финансирање од 87 милиони евра за проектот „Фотонапонска електроцентрала Битола 3“. Од оваа сума, 50 милиони евра се обезбедени од КфВ, а 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Дополнително, обезбедени се и 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска изрази благодарност до меѓународните финансиски институции за континуираната поддршка, како и до тимот на АД ЕСМ за нивната посветеност во реализацијата на проектите.
Според неа, овие капитални инвестиции ќе придонесат за зајакнување на домашното производство на електрична енергија, ќе обезбедат посигурно и постабилно снабдување и ќе дадат силен поттик за економска стабилност и одржлив развој на државата.



























