Граѓаните нема да почувствуваат никакви прекини во снабдувањето со топлинска енергија, иако ЕСМ побара прогласување кризна состојба. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, денеска на брифинг со новинарите порача дека државата има доволно резерви на мазут за да ги покрие потребите.
Барањето за кризна состојба ќе се разгледува на утрешната владина седница, но Божиновска нагласи дека тоа е технички чекор за да се активираат државните резерви. Причина за ова е триесетдневната неможност за редовна набавка на мазут од Грција поради тамошните протести.
„Нема да има никаква криза. Постои мазут во државата – ако не го земат од Грција, ЕСМ ќе го земе од државните резерви. За граѓаните ова нема да значи апсолутно ништо“, истакна министерката.



























