
Предлог-законот за заштита од пушење повторно е ставен на чекање и нема да се најде на дневен ред на денешната владина седница, иако тоа првично беше најавено. Причина за одложувањето се несогласувањата меѓу Министерството за здравство и Министерството за земјоделство околу клучни прашања во предложените измени.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека се очекува усогласување во наредниот период, при што едно од спорните прашања е дефинирањето на поимот „цигара“, со оглед на тоа што различни закони третираат различни аспекти – производство и заштита од пушење.
Во меѓувреме, постигнат е делумен договор со угостителите. Наместо претходно предложените три страни, објектите ќе можат со две страни да организираат простор за пушење, но со јасна физичка одвоеност меѓу пушачи и непушачи. Во одредени случаи ќе биде потребен и посебен влез. За прилагодување на новите правила се предвидува рок до една година.
Реакции има и од малите трговци, кои предупредуваат дека новите обврски ќе донесат дополнителни трошоци и можен пад на прометот. Според предлогот, тутунските производи ќе мора да бидат отстранети од видливо место. Иако рокот за усогласување е шест месеци, трговците бараат негово продолжување. Од Министерството велат дека се отворени за продолжување на рокот доколку експертите проценат дека е потребно.
Незадоволство изразува и тутунската индустрија, од каде оценуваат дека предложените мерки нема да го намалат пушењето, туку може да придонесат за раст на сивата економија. Дополнително, потсетуваат на значајните приходи што државата ги остварува од оваа индустрија.
Со новите измени се опфатени и алтернативните производи, па така електронските цигари, вејповите и уредите како ајкос ќе бидат забранети за употреба во затворени простории.























