УТРО.мк

Дали доаѓа ценовен шок на недвижностите?

Дали доаѓа ценовен шок на недвижностите?
Vero

Пазарот на недвижности во Македонија се наоѓа пред клучна одлука. До 31 декември истекува мерката според која првиот промет на новоизградени станови се оданочува со повластена стапка на ДДВ од 5%. Доколку Владата не ја продолжи оваа мерка, од 1 јануари стапката автоматски ќе се врати на редовните 18%, што може да предизвика значително поскапување на новите домови.

Повластениот ДДВ од 5% за прва продажба на стан е воведен уште во 2010 година како антикризна мерка за поддршка на градежниот сектор и олеснување на пристапот до сопствен дом. Од тогаш мерката повеќепати е продолжувана, последен пат во 2023 година, и важи до крајот на 2025 година.

Според експертите, враќањето на редовната стапка од 18% би донело директно поскапување за купувачите. На пример, за стан вреден 100.000 евра, данокот денес изнесува 5.000 евра, додека од 1 јануари ќе достигне 18.000 евра – разлика од 13.000 евра.

Правната компанија „Трпеноски“ предупредува дека ова ќе ја намали достапноста на домувањето, особено за купувачи кои веќе капарисале станови во градба и чија фискализација ќе се случи по новата година.

Иако краткорочно државата би имала повисоки приходи од ДДВ, економските аналитичари укажуваат на ризик од пад на побарувачката, забавување на градежните активности и намалување на инвестициите, што во крајна линија може да ги неутрализира очекуваните придобивки.

Во овие моменти, сите очи се вперени кон Владата за одлука која ќе го дефинира курсот на пазарот на недвижности и достапноста на првиот дом за македонските граѓани.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран