УТРО.мк

Божиновска: Македонија станува важна енергетска врска меѓу Солун, Скопје и Ниш

Божиновска: Македонија станува важна енергетска врска меѓу Солун, Скопје и Ниш
Vero

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Белград учествуваше на вториот министерски состанок на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, посветен на регионалната енергетска соработка и зајакнувањето на енергетската сигурност.

Во фокусот беа диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, регионалното енергетско поврзување и развојот на регионот како значаен енергетски коридор за Европа.

Една од клучните теми беше развојот на гасната инфраструктура. На состанокот беше поздравено вклучувањето на Македонија и Србија во Вертикалниот гасен коридор, како и најавата за скорешен почеток на изградбата на гасната интерконекција меѓу двете земји.

Интерконекцијата Србија–Македонија ќе биде поврзана со интерконекцијата Македонија–Грција, која е во изградба. Грчкиот дел се очекува да биде завршен до крајот на 2026 година, а македонскиот дел во 2027 година. За српскиот дел веќе се испорачани првите цевки, додека поставувањето на цевководот треба да започне во следниот период.

Со овие проекти Македонија ќе добие нов правец за снабдување со течен природен гас преку терминалот во Александруполис, покрај постојните правци преку Бугарија. На тој начин ќе се зголемат диверзификацијата и отпорноста на регионалниот енергетски систем.

Министрите ја потврдиле определбата за понатамошно развивање на Вертикалниот гасен коридор како сигурна енергетска порта кон Југоисточна и Централна Европа и Западен Балкан. Разговарано било и за можноста постојните и новите гасоводни капацитети во иднина да се користат и за транспорт на водород, во согласност со енергетската транзиција и процесите на декарбонизација.

Во електроенергетскиот сектор се разговарало за подготвеноста на преносните системи за зимската сезона, можностите за размена на електрична енергија, како и за развојот на обновливите извори, преносните мрежи, реверзибилните хидроелектрани и батериските системи.

Посебно внимание било посветено и на интеграцијата на електроенергетските пазари на земјите од Енергетската заедница со пазарите на Европската Унија, со цел поголема прекугранична размена и поголема сигурност на снабдувањето.

На состанокот бил разгледан и потенцијалниот развој на југоисточниот крак на националниот систем на нафтоводи по трасата Солун–Скопје–Ниш, кој би овозможил дополнително енергетско поврзување на Србија преку Македонија со пристаништето во Солун.

Министрите разговарале и за праведната енергетска транзиција и декарбонизацијата на Западен Балкан, како и за потребата од финансиска поддршка од Европската Унија и усогласување со европската регулатива, вклучително и Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – CBAM.

Во македонската делегација беа и директорот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО Александар Пауноски и претставници на НОМАГАС.

По министерскиот состанок, Божиновска продолжува со работните активности во Белград, каде ќе оствари и билатерална средба со министерката за енергетика на Бугарија, Ива Петрова. На средбата ќе се разговара за натамошно унапредување на енергетската соработка и регионалното поврзување.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран