
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес на Зимското собрание на EDS зборуваше за енергетската безбедност како тема која веќе не е само за експерти, туку за секој граѓанин. На средбата со млади лидери од над 20 земји, таа истакна дека Европа се соочува со нестабилни пазари, геополитички тензии и растечки ценовни притисоци.

„Зависноста е ризик. Стабилноста е избор“, порача Божиновска, нагласувајќи дека навремени мерки и координација овозможиле стабилност на домашниот пазар, како за граѓаните, така и за компаниите.
Министерката потсети дека транзицијата кон обновливи извори мора да се случи, но не по цена на нестабилност. Таа истакна дека Владата забрзано вложува во обновливи извори, модернизира систем кој со децении не е допрен и гради енергетска независност чекор по чекор.
„Денес, ниту една држава не е доволно силна сама. Затоа градиме партнерства, поврзувања и регионална сигурност. Не чекаме кризи. Градиме систем што ќе ги издржи“, додаде Божиновска.
Со ова, министерството ја нагласува важноста на енергетската стабилност како клучен приоритет за иднината на земјата.























