Енергетските реформи влегуваат во интензивна и забрзана фаза, со јасен план, силна меѓународна поддршка и исполнување на сите предвидени рокови. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, по одржаниот состанок во Владата со Секторската работна група за енергетика, на кој учествуваа сите релевантни институции и партнери.

Божиновска нагласи дека состанокот не бил само формално презентирање извештаи, туку потврда дека реформите даваат видливи резултати и дека следува уште побрзо темпо на реализација. Според неа, инвестициите во соларни и ветерни капацитети значително се зголемуваат, а во тек се клучни инфраструктурни проекти кои треба да го модернизираат енергетскиот систем.

Интерконекторите со земјите од регионот напредуваат според планот, а енергетските институции паралелно работат на подобрување на безбедноста и модернизацијата на електроенергетската мрежа. Во подготовка се и програми за реконструкција на јавните објекти и зголемување на енергетската ефикасност, со што, како што нагласи министерката, „секој непотрошен киловат вреди исто како и произведениот“.
„Имаме план, имаме ред, имаме сигурност. Мора да работиме брзо и фокусирано за да обезбедиме стабилен, модерен и поврзан енергетски систем што ќе донесе бенефит за граѓаните и економијата,“ изјави Божиновска.
Таа порача дека институциите забрзано работат за да ја донесат „новата енергија на државата“.























