
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна средба со Артур Лорковски, директор на Секретаријат на Енергетската заедница, на која се разговараше за следните чекори во трансформацијата на македонскиот енергетски сектор.
Како што информира Божиновска, фокусот на разговорите бил ставен на обезбедување стабилен и сигурен енергетски систем, побрза декарбонизација и посилна интеграција на државата со европскиот енергетски пазар.
„Нашата цел е јасна – стабилен и сигурен енергетски систем, побрза декарбонизација и посилна интеграција со европскиот енергетски пазар. Македонија веќе прави конкретни чекори кон помодерен, почист и поотпорен енергетски систем“, истакна Божиновска.
На средбата присуствувале и директорот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски и заменик-директорот на МЕПСО Александар Пауновски, со кои се разговарало за конкретните активности што треба да се реализираат во наредниот период.























