По завршувањето на дербито од ракометната Суперлига меѓу Пелистер и Вардар во Битола, кое домаќините го добија, се случија серија инциденти во кои беа нападнати полициски службеници, информира МВР.
Инцидентите се случиле околу 18:45 часот на влезот во спортската сала „Боро Чурлевски“, каде полицијата ги привела П.Н.(20), Н.А.(24) и Д.М.(24), сите од Скопје. Според МВР, при влегувањето на навивачката група од Скопје во салата дошло до нарушување на редот, при што неколку полицајци биле нападнати.
Дополнително, во 19:20 часот на истиот влез бил уапсен и Н.Ѓ.(34) од Битола, кој, како што стои во полицискиот извештај, агресивно се однесувал и повикувал на насилство, со што го нарушил јавниот ред и мир.
По документирањето на случаите, против сите приведени ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.



























