Косово го исполни ветувањето и го тргна погрешниот меѓународен код „НМК“ од патните знаци, заменувајќи го со точниот – МК. Фотографии од изменетите табли ги испрати Ќамил Фека, директор на одделот за патишта при Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово.
„360 степени“ минатата недела извести дека на стариот пат Приштина–Скопје се користела погрешната ознака „НМК“. Од косовската страна уверија дека станува збор за ненамерен пропуст и дека истиот ќе биде најитно коригиран.
Случајот со погрешни ознаки е втор во соседството, откако Србија веќе подолго од две години на патни знаци користи „НМК“ наместо МК. Од македонското МНР истакнаа дека веруваат оти и српските власти ќе постапат по нивните барања и ќе ја коригираат сигнализацијата.
Овој потег доаѓа во контекст на Преспанскиот договор од 2018 година, кој, меѓу другото, го регулираше користењето на меѓународните ознаки и кодови за Македонија.



























