
Тројца полициски службеници се повредени во сообраќајна несреќа што се случила вчера на булеварот „Крсте Мисирков“ во Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 3 септември околу 13 часот, а во неа учествувале патничко возило „МГ“ со скопски регистарски ознаки и полициско возило „Шкода“, исто така со скопски регистарски ознаки.
Со „МГ“-то управувал 29-годишниот М.М. од Кичево, додека полициската „Шкода“ била управувана од 31-годишниот Н.Ѓ. од Скопје.
Во судирот со телесни повреди се здобил возачот на полициското возило, како и неговите сопатници, 35-годишниот Т.Џ. од село Батинци и 35-годишниот П.Т. од Скопје. Сите тројца се полициски службеници.
Повредените биле пренесени и медицински згрижени во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
На местото на несреќата бил извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје. Полицијата дополнително ги утврдува околностите под кои дошло до судирот.

















