
Иако македонското законодавство таксативно дозволува дури 12 различни видови на посебни истражни мерки, домашните органи на прогонот во пракса најчесто се потпираат на три до четири проверени оперативни методи. Извештајот на Јавното обвинителство за 2025 година открива дека најчеста тактика во истрагите е комбинирањето на повеќе мерки за исти цели.
Тајното снимање надвор од домот е апсолутен лидер, објави 4news.mk
Најексплоатирана мерка во текот на 2025 година била Тајното следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или приватен деловен простор (член 252 став 1 точка 3 од ЗКП). Оваа оперативна мерка била применета во дури 33 случаи, со кои биле опфатени 106 лица со познат идентитет, едно лице со неутврден идентитет и 56 предмети (возила). Ова претставува зголемување на примената за 7 случаи во однос на 2024 година.















