Тетово, 4 септември 2025 – Секторот за внатрешни работи Тетово информира дека е расчистен случајот со физички напад на двајца малолетници, кој се случи вчера во градот. Две лица на возраст од 20 и 23 години се лишени од слобода, а извршен е службен разговор со 16 малолетници.
Според пријавата од родителите на нападнатите малолетници, Ќ.Е. (50) и Х.И. (43) од село Доброште, нивните синови излегувале од средно училиште во придружба на уште еден малолетник, кој успеал да избега. Напаѓачите, како што се наведува, биле навивачи на тетовски фудбалски клуб.
На 3 септември во 22:30 часот полициски службеници го лишиле од слобода Н.Ќ. (20) од Тетово, а на 4 септември во 12:10 часот и Д.Д. (23) од село Радиовце. Случајот се случил околу 18:00 часот на улица „Благоја Тоска“ во Тетово, каде што нападнатите 17-годишник и 15-годишник од село Доброште биле физички нападнати од група лица.
По нападот, малолетниците биле пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош. По целосно документирање на случајот и во соработка со јавен обвинител, против приведените ќе бидат поднесени соодветни пријави.