Борче Марковски, сопственик на компанијата „Марковски компани“, осомничен за злоупотреби со јавни набавки во РЕК „Битола“, ќе остане во притвор 30 дена. Одлуката ја донесе Кривичниот совет на Основниот суд во Битола, кој ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство и ја преиначи првичната мерка куќен притвор што вчера ја изрече судијата на претходна постапка.
Од Судот соопштија дека притворот е определен поради постоење на основи предвидени во член 165 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка, за продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ според член 275-в од Кривичниот законик.
Обвинителството во Битола посочи дека со оваа одлука се прифатени нивните аргументи за постоење ризик од бегство на осомничениот. Сè уште се очекува исходот од жалбата за мерката куќен притвор што беше изречена за раководител во РЕК „Битола“.
Јавното обвинителство вчера издаде наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице, меѓу кои и „Марковски компани“, поради сомнение за серија злоупотреби во процесите на јавни набавки во РЕК „Битола“.
Петмина осомничени — поранешниот директор и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК „Битола“ — се товарат за продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Неколкумина од нив се сомничат и за „измама во службата“.
Според обвинителството, сопственикот на „Марковски компани“, заедно со уште едно лице од фирмата, доставувале лажни фактури и незаконски наплатиле над 106 милиони денари, односно повеќе од 1,7 милиони евра со вклучен ДДВ, за работи што не биле извршени.