
Скопјанка преку објава на социјалните мрежи сподели вознемирувачко сведоштво за случај на насилство врз жена што, според неа, се случил среде бел ден во Скопје.
Таа раскажува дека нејзината ќерка била сведок на напад во кој маж физички ја малтретирал жената, удирајќи ја и давејќи ја. Според објавата, девојката се обидела да интервенира и побарала од насилникот да престане.
„Мојата ќерка се обидела да ѝ помогне на жената и го замолила да престане да ја малтретира. Со него имало уште еден маж, кој ѝ рекол: ‘Не се мешај, маж ѝ е, што сака нека ѝ прави’. Ќерка ми му одговорила: ‘И да ѝ е маж, дали тоа значи дека смее да ја тепа?’“, наведува скопјанката.
Според нејзиното сведоштво, наместо поддршка, насилникот потоа се свртел кон девојката и упатил закани и навреди.
Жената во објавата изразува разочараност што, како што тврди, ниту еден од случајните минувачи не се обидел да ѝ помогне на нападнатата жена.
Таа јавно побара од Министерството за внатрешни работи да го испита случајот и да преземе соодветни мерки.
„Насилството врз жени не смее да се премолчува и оправдува. Денес била таа жена, утре може да биде која било“, порачува скопјанката во својата објава.















