
Скопјанец е осомничен дека подметнал пожар на влезна врата од стан во Кисела Вода, а полицијата успеала да го идентификува и лиши од слобода само неколку часа по инцидентот.
Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против Д.Т. од Скопје, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ согласно член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Според информациите од МВР, на 1 септември 2026 година, околу 5 часот наутро, во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода била опожарена влезна врата од стан во сопственост на 57-годишен скопјанец.
Веднаш по пријавувањето, полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Кисела Вода презеле мерки за расчистување на случајот.
По извршениот увид и деталната анализа на обезбедената видео-документација, полицијата како можен сторител го идентификувала Д.Т.
Лицето било лишено од слобода истиот ден. Во присуство на дежурен јавен обвинител и очевидец, кој го препознал како сторител, со него бил извршен службен разговор.
Од МВР информираат дека при разговорот биле обезбедени дополнителни сознанија и појаснувања во врска со начинот на извршување на кривичното дело.

















