Во текот на вчерашниот ден седум граѓани од Свети Николе пријавиле во полиција обиди за телефонска измама со познатиот сценарио „вашето дете направи сообраќајка“.
Како што информира МВР, непознати лица им се јавувале на фиксен или мобилен телефон претставувајќи се како полициски инспектори. Им соопштувале дека член на нивното семејство предизвикал сообраќајна несреќа и дека мора да предадат пари – од 5.000 до 50.000 евра – за тој да не заврши во затвор.
Граѓаните се посомневале во вистинитоста на тврдењата, особено бидејќи претходно биле предупредени за слични измами, па случајот го пријавиле во Полициската станица Свети Николе.
СВР Штип соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случаите и идентификување на измамниците.