Осум лица од Скопје утринава се уапсени во голема полициска операција со која беше откриена и демонтирана организирана група што со години се занимавала со лихварство, перење пари и нелегално приредување игри на среќа. Акцијата ја водело Обвинителството за гонење организиран криминал, а учествувале специјализирани полициски единици.
Полицијата истовремено влегла на 11 локации во Скопје, каде што биле извршени претреси. Таму биле пронајдени и запленети 34.510 евра, 431.000 денари и 400 долари, како и голем број мобилни телефони, компјутери, лаптопи и моторни возила.
Во дел од просториите биле откриени целосно опремени нелегални играчници со покер-маси, чипови, карти и друга опрема за одржување нерегистрирани коцкарски игри. Според првичните информации, групата подолг период остварувала значителни приходи надвор од законските рамки.
При претресите биле пронајдени и растителни и прашкасти материи за кои постои сомневање дека се дрога. Запленетата документација ќе биде анализирана за утврдување на целосниот обем на криминалната мрежа.
Уапсените се задржани во полициска станица, а постапката против нив е во тек.



























