Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, денеска ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ за продолжување на имобилизацијата на руските суверени средства на неодредено време.
– Испраќаме силен сигнал до Русија дека додека продолжува бруталната агресивна војна, трошоците за Русија ќе растат. Ова е и порака до Украина дека сакаме да го зајакнеме нашиот храбар сосед на бојното поле и на преговарачката маса, напиша Фон Дер Лајен на Х.
Со одлуката, сите 27 земји-членки на ЕУ повеќе не мораат едногласно на секои шест месеци да ги продолжуваат замрзнатите средства, како што беше практикувано од 2022 година по инвазијата на Русија врз Украина. Механизмот за економска вонредна состојба овозможи премин од едногласно на мнозинско гласање, и покрај претходните закани од Унгарија за спротивставување.
Вредноста на замрзнатиот руски државен имот во ЕУ изнесува околу 210 милијарди евра, а целта е дел од овие средства да се стават на располагање на Украина како долгорочен заем за репарации, со цел ограничување на економската штета од војната.



























