
Вистинска полициска потера се одвивала низ прилепските улици, откако 45-годишен жител на градот се обидел да им избега на полициските службеници при рутинска сообраќајна контрола.
Според информациите од МВР, драмата започнала на улицата „Кораб“, каде полицијата дала знак за запирање на автомобил „фолксваген голф“. Наместо да застане, возачот нагло притиснал на гас и се впуштил во бегство низ градот.
Полициските службеници веднаш тргнале по возилото, а по кратка потера успеале да го пресретнат и запрат. Зад воланот бил Ф.А. (45) од Прилеп.
Дополнителните проверки покажале сериозни прекршоци: мажот управувал без возачка дозвола, а алкотестирањето открило дури 2,01 промили алкохол во крвта.
Од полицијата информираат дека случајот е во фаза на целосно документирање, по што против прилепчанецот ќе биде поднесена соодветна пријава.
















