
Новогодишната ноќ низ државата минала со сериозни инциденти, при што најкритичен е случајот со двегодишно дете кое се наоѓа во животозагрозувачка состојба, а десетици други граѓани завршиле на клиники поради сообраќајки, падови, повреди од пиротехника и алкохолна интоксикација.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција изјави дека ноќта била карактеризирана со зголемен број на интервенции во здравствените установи. На Клиничкиот центар биле згрижени пациенти со тешки повреди, а најтешко повредено е двегодишно дете, чиишто повреди настанале од метален фрагмент, за што постои сомнеж дека е од огнено оружје.
„Тешко телесно е повредено детенце кое моментално е во животозагрозувачка состојба. Повредата е настаната од метален фрагмент кој не можеме во моментот да го специфициме“, рече Тошковски, додавајќи дека причините ќе бидат дополнително утврдени.
Покрај овој случај, во текот на ноќта биле регистрирани три сообраќајни несреќи, падови од висина и повреди од пиротехнички средства. 17-годишна девојка од Тетово со тешки повреди била итно оперирана по сообраќајна несреќа, додека тројца други пациенти се здобиле со повреди по пад од висина, меѓу кои 30-годишен маж кој се наоѓа во животозагрозувачка состојба.
Од пиротехнички средства биле повредени 20 лица, меѓу кои две деца на 12 и 13 години и 69-годишен маж со тешки повреди на дланката. Осум случаи на физичко насилство биле пријавени, при што шест лица по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, а кај еден пациент била констатирана површна убодна рана од нож.
На Универзитетската клиника за токсикологија биле примени 31 пациент поради алкохолна интоксикација, меѓу кои 13 деца, а најмладото имало само 14 години.



























