
Над 5.600 лица досега се лишени од слобода во рамки на оперативната полициска акција „Чистач“, која Министерството за внатрешни работи ја спроведува на територијата на Македонија од септември 2024 година.
Акцијата е насочена кон откривање и сузбивање на насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал, а ја спроведува Одделот за криминалистичка полиција во координација со Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи.
Според податоците на МВР, од почетокот на акцијата до денес извршена е проверка и утврдување на идентитетот на 74.229 лица. Полицијата извршила и 158.955 прегледи на лица, возила и багаж.
Во истиот период, лишени од слобода се вкупно 5.628 лица, извршени се 1.158 претреси на домови и други простории, а поднесени се 1.135 кривични пријави.
Од вкупниот број кривични пријави, 88 се однесуваат на кривични дела од областа на насилниот криминал, додека 1.047 се поврзани со недозволена трговија со дрога.
Во текот на акцијата полицијата запленила различни видови наркотични дроги, меѓу кои марихуана, кокаин, амфетамин, хероин, хашиш и МДМА таблети. Запленети биле и оружје, пари, патнички возила и мобилни телефони.
МВР наведува дека во повеќе случаи за осомничените бил определен притвор, додека во дел од предметите се изречени и затворски казни.
Како дел од акцијата биле спречени и повеќе меѓународни канали за недозволена трговија со наркотични дроги, особено на граничните премини Табановце, Деве Баир и Стар Дојран.
Од МВР оценуваат дека резултатите од „Чистач“ покажуваат зголемена ефикасност во откривањето и сузбивањето на криминалот. Полицијата најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со акциски денови, засилени контроли и координирани активности низ целата држава.























