УТРО.мк

Полицаец од Скопје заврши во притвор – осомничен дека присвоил пари од сообраќајни казни

Полицаец од Скопје заврши во притвор – осомничен дека присвоил пари од сообраќајни казни
Vero

Полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот при СВР Скопје е осомничен за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Според Обвинителството, осомничениот во периодот од април до јули годинава ја злоупотребувал службената положба и за себе, како и за други лица, прибавил противправна имотна корист, при што на државниот буџет му нанел штета од најмалку 85.500 денари.

Истрагата покажала дека, додека бил ангажиран во депото на ЈП „Градски паркинг“, за дел од возачите чии возила биле подигнати со пајак-служба изготвувал прекршочни налози, но наместо казните да се наплатат преку ПОС-терминал, парите ги земал во готово и ги задржувал за себе. За да ја прикрие злоупотребата, користел потврди за плаќање од претходно реализирани трансакции.

Обвинителството наведува дека во други случаи изрекувал помали казни од законски предвидените или воопшто не изготвувал прекршочни налози, овозможувајќи им на возилата да го напуштат депото без да биде наплатена глоба.

Поради опасност од бегство, можност за повторување на кривичното дело и влијание врз сведоци, јавниот обвинител побарал определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од осум дена.

Од Обвинителството информираат дека истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin