
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против едно лице осомничено за кривичното дело загрозување лица под меѓународна заштита, во врска со опожарувањето на возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Предметот бил преземен од Основното јавно обвинителство Скопје, кое при истрагата за предизвикување општа опасност утврдило околности што упатуваат на можни елементи на потешко кривично дело. Поради тоа, случајот бил доставен на понатамошно постапување до ОЈО ГОКК.
Според обвинителството, постои основано сомнение дека осомничениот на 15 јуни годинава, со опожарување на возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во амбасадата, создал сериозна опасност за животот и телото на лица кои уживаат меѓународноправна заштита.
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека станува збор за кривично дело од областа на делата против човечноста и меѓународното право, кое произлегува од Конвенцијата на Обединетите нации за заштита на меѓународно заштитени лица, меѓу кои се и дипломатските претставници.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор во траење од 30 дена. На осомничениот претходно веќе му бил одреден осумдневен притвор во скратена постапка.

















