Вечерва избувна нов пожар во депонијата покрај стариот пат кон Куманово, во близина на Арачиново. Според скопските пожарникари, кои први пристигнале на терен, влезната врата на депонијата била отворена, а во неа горела поголема количина пакуван сончоглед, заедно со други лесно запаливи материјали.
Се претпоставува дека сончогледот бил намерно запален, што предизвикало проширување на огнот на дел од депонијата. Поради насоката на ветерот, чадот и непријатната миризба од пожарот најверојатно се чувствуваат и во делови од Скопје.
Гаснењето е отежнато поради големиот обем на зафатената површина, што го прави комплицирано користењето на вода или пена. Надлежните прават проценка дали ќе биде неопходно затрупување на опожарената површина. Депонијата е под ингеренции на Општина Арачиново.