Министерството за внатрешни работи соопшти дека во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2025 година се сузбиени 14 организирани криминални групи, во кои учествувале 201 физички и 18 правни лица.
Во истиот период откриени се 64 случаи на криумчарење мигранти, со околу 430 лица вклучени во овие активности, како и спречени 6.000 обиди за илегално транзитирање, што претставува намалување од речиси 50% во однос на претходната година.
МВР информира дека во соработка со Европската агенција ФРОНТЕКС, континуирано се спроведуваат операции за контрола на границите и справување со безбедносните ризици. Покрај миграцијата, откриени се и случаи поврзани со фалсификување пари, тероризам, проституција, висока корупција во вредност од над 16 милијарди денари, недозволена трговија со дрога, како и нови случаи на криумчарење мигранти во соработка со меѓународни криминални мрежи.
Од Министерството нагласуваат дека борбата против илегалната миграција и организираниот криминал останува еден од стратешките приоритети, со јасна порака дека за криминалот нема место во македонското општество.