
Скопскиот Кривичен суд денеска им определи притвор на осуммина од осомничените за даночно затајување, перење пари и злоупотреба на службената положба, уапсени во вчерашната акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Судот ја прифати најстрогата мерка за обезбедување присуство поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност осомничените да го довршат или повторуваат делото. За девет други осомничени е определена мерка за претпазливост, која вклучува одземање патна исправа, обврска за јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и забрана за извршување одредени работни активности.
Во акцијата, која опфати вкупно 20 лица, се откри финансиски криминал вреден околу 4,8 милиони евра. Првоосомничениот е српски државјанин и сопственик на две фирми, додека меѓу другите се и раководители во Управата за јавни приходи (УЈП) од Скопје и Гевгелија.
Според ОЈО ГОКК, осомничените бизнисмени со лажни даночни и со помош на вработените во УЈП успеале да избегнат плаќање на данок и да добијат поврат на јавни давачки за нерезидентни фирми, со што буџетот на државата е оштетен за околу 4,8 милиони евра.
Претресите се извршени на 16 локации низ државата, при што биле обезбедени документи, парични средства, оружје и лажни печати од фирми. Акцијата е спроведена по известување на Агенцијата за национална безбедност и со асистенција на Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиско разузнавање.
Од Обвинителството наведуваат дека некои од осомничените веќе се поврзани со истраги за злоупотреби во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, но оваа акција не е продолжение на тие истраги.



























