Трагедија го потресе швајцарскиот град Живисие, каде минатата сабота беа убиени 30-годишна Македонка и нејзиното шестнеделно бебе. За убиството е осомничен нејзиниот сопруг, 43-годишен маж со потекло од Охрид, кој во Швајцарија престојувал со бугарски пасош, пренесуваат швајцарските и македонските медиуми.
Како што објави порталот „20min.ch“, околу 16:45 часот полицијата во Фрајбур добила пријава за пронајдени тела на жена и бебе во семеен стан. Двете жртви биле прогласени за мртви на лице место. Сопругот, кој исто така бил во станот, се обидел да си го одземе животот и бил пренесен во болница со полесни повреди, под полициска придружба.
Јавното обвинителство на кантонот Фрајбур отвори истрага за двојно убиство со умисла. Осомничениот А.Т. го признал убиството на сопругата. Телата на жената М.Т. (родена 1995) и бебето Д.Т. (родено 2025) биле пронајдени во нивниот стан.
Македонското Министерство за надворешни работи потврди дека амбасадата во Берн била известена од швајцарските власти на 5 јули. Иако осомничениот е пријавен како бугарски државјанин, МНР потврдува дека има македонско потекло.
Амбасадата останува во контакт со швајцарските институции и семејството на жртвите, и ќе обезбедува поддршка согласно своите надлежности.
Настанот повторно ја актуелизира потребата од системска заштита од семејно насилство, без разлика на националноста или државниот статус на жртвите.