Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривични пријави против тројца осомничени – Т.В. (39) од село Неготино – гостиварско, Ј.Д. (48) од село Добри Дол и против нотарска канцеларија од Гостивар, поради серија тешки злоупотреби поврзани со лихварство, уцена, фалсификат и неовластено користење на лични податоци.
Според полицијата, Т.В. од 2022 година го искористувал лошата финансиска состојба на оштетен граѓанин, кому му позајмувал пари со екстремно високи камати. За заем од 35.000 евра, побарал 15.000 евра камата за една година, а подоцна и дополнителни 3.000 евра месечно. Откако оштетениот не можел да ги исплаќа барањата, Т.В. почнал да го уценува и да му се заканува, принудувајќи го да потпише договор за купопродажба на имот, кој потоа бил заверен кај нотар.
Особено алармантен е случајот од 27 септември 2023 година, кога додека оштетениот бил надвор од државата, Т.В. составил фалсификуван договор за продажба на моторно возило, користејќи ги неговите лични податоци без негова согласност. Договорот бил заверен кај второпријавениот Ј.Д., кој во својство на нотар го одобрил документот во кој стоело дека возилото е продадено за само 1.000 евра на друго лице од Гостивар.
Од СВР Тетово нагласуваат дека станува збор за сериозен криминален случај кој вклучува повеќе кривични дела: лихварство, фалсификување исправа и злоупотреба на лични податоци. Истрагата е во тек, а против сите инволвирани лица ќе следуваат соодветни поднесоци до надлежното обвинителство.