82-годишна жена од Скопје пријавила во СВР Скопје дека е жртва на измама, откако едно лице телефонски ѝ се претставило како полициски службеник и ја убедило да предаде 170.000 денари.
Според информациите од МВР, измамникот ѝ соопштил дека нејзината внука наводно предизвикала сообраќајна несреќа во која загинало дете, и дека е потребно да се плати „одредена сума“ за да не заврши во затвор. Преплашената жена, верувајќи дека ја спасува внуката, излегла од својот дом и му ги предала парите на машко лице кое дошло на локацијата.
По кратко време, таа сфатила дека внуката воопшто не била вклучена во сообраќајка и дека станува збор за класична измама, по што случајот го пријавила во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот и идентификација на сторителот.



























