
ОВР Кавадарци поднесе кривични пријави против две лица од Кавадарци поради сомнение за сторени кривични дела поврзани со предизвикување опасност и загрозување на животната средина.
Првата кривична пријава е поднесена против С.С. (31), поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 20 август 2026 година, на депонија во Кавадарци, С.С. запалил душек кој бил опколен со сува трева и отпаден материјал, со што предизвикал опасност и го сторил кривичното дело за кое се товари.
Во одделен случај, кривична пријава е поднесена и против В.С. (58), поради сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 од Кривичниот законик.
В.С. бил вработен како чувар на депонијата „Мелци“. На 25 август 2026 година тој го напуштил своето работно место, при што, според полицијата, направил пропуст во вршењето на надзорот. Во периодот додека бил отсутен, на депонијата избувнал пожар од поголеми размери.
Двете кривични пријави се доставени до Основното јавно обвинителство Кавадарци на понатамошно постапување.

















