
Идентификувано е и четвртото лице кое загина во тешката сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на скопската обиколница, кај клучката Мирковци. Станува збор за 20-годишниот М.Ѓ. од Скопје, кој бил во автомобилот „бмв“ заедно со Ристе Велков, неговиот син Адам Велков и уште еден 20-годишен сопатник.
Според досегашните информации, несреќата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци.
– Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20), П.М.(20) и М.Ѓ.(20), сите од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција, се наведува во полицискиот билтен.
76-годишниот возач на товарно возило „ман“ со полуприколка, со косовски национални ознаки, изгубил контрола над камионот, ја пробил металната ограда и преминал во спротивната насока на автопатот. Таму директно се судрил со патничкото возило со скопски регистарски ознаки.
По судирот избувнал пожар во двете возила. Патничкото возило и кабината на камионот целосно изгореле, а пожарот го изгаснала екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.















