
Нов вознемирувачки случај на врсничко насилство е пријавен во Кавадарци, каде што две малолетнички физички нападнале трета малолетничка, при што, според пријавата, едната ја држела, додека другата ја горела со цигара.
Како што информираат од СВР Велес, случајот бил пријавен на 18 ноември 2026 година, во 22:30 часот, во ОВР Кавадарци, од страна на 35-годишната Е.К. од Кавадарци.
Според пријавата на мајката, нападот се случил на 16 ноември на улицата „Сремски фронт“ во Кавадарци, кога нејзината малолетна ќерка била нападната од две други малолетнички.
Едната од девојчињата наводно ја држела жртвата, додека другата ја горела со запалена цигара.
За случајот биле известени надлежниот јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Кавадарци.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот и утврдување на сите околности поврзани со пријавениот напад.























