
Полицијата, поточно Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност, попладнево спроведува координирана акција на повеќе локации низ државата, насочена кон истрага за нелегални медицински третмани и дистрибуција на нерегистрирани препарати, објави порталот Курир.мк.
Според неофицијални информации, во акцијата се опфатени повеќе лица, меѓу кои и доктори, за кои постои сомнение дека биле дел од мрежа поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на медицински производи, меѓу кои ботокс, филери и други препарати. Неофицијално, меѓу приведените има доктори од болницата „8-ми Септември“, Клиничкиот центар и од приватна здравствена установа.
Се сомнева дека препаратите биле внесувани во земјава преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и Србија, без соодветна контрола, дозволи и регистрација, по што биле пласирани на пазарот.
Овие производи, кои често се користеле во рамки на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици, вклучително инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на пациентите.
Случајот отвора сериозни прашања за безбедноста на ваквите интервенции, како и за злоупотребата на довербата на пациентите.























