
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против две физички лица и едно правно лице поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.
Според соопштението, првопријавениот Н.О., државјанин на Турција и реален сопственик и управител на правното лице, во периодот од 2016 до 2021 година, со однапред утврдена намера да ја присвои трговската стока и да избегне плаќање даночни обврски, ја променил сопственичката и управувачката структура на компанијата. Како нов сопственик и управител бил запишан второпријавениот Е.М.
Финансиската полиција наведува дека за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 не биле изготвени и поднесени завршни сметки, поради што трговска стока во вредност од 32.054.759 денари, која била евидентирана како залиха, била неосновано присвоена.
Воедно, според пријавата, не бил пресметан, пријавен и уплатен данок на додадена вредност (ДДВ) во износ од 5.769.856 денари, а не бил платен ниту данок на личен доход во износ од 3.561.283 денари.
Дополнително, осомничените не ги отпишале ниту ги евидентирале како приходи застарените краткорочни обврски кон добавувачи постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари. Со тоа, како што наведува Финансиската полиција, не бил пресметан и уплатен данок на добивка од 3.284.732 денари.
Со ваквите дејствија, според Управата за финансиска полиција, пријавените не пресметале, не пријавиле и не уплатиле законски утврдени даночни обврски во вкупен износ од 12.615.871 денари, со што го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија.
Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје, кое ќе постапува понатаму по поднесената кривична пријава.

















